Куфер полн со соништа

novinki: Роден си во Битола, а таму си минал и значајен дел од животот. Како се одразува потеклото во твоите дела?

Иван Додовски: Постојат места од кои човек се одделува, понекогаш мислејќи дека времето ги брише нивните облици и значења. Но, тоа одделување е привид. Ние постојано се враќаме во тие имагинативни места чии приказни ги носиме со себе цел живот. Битола е едно од тие места, град на моето детство и рана младост. Таму, со отворањето на очите и откривањето на сетилата, првпат сум научил да го спознавам светот. Уште поважно, во Битола ја открив својата љубов кон литературата и интелектуалната љубопитност. Имав среќа да бидам во допир со целото културно милје на градот, кој негува долга културна традиција на антички, средновековен христијански, а од крајот на 19 век и административен центар на Отоманската Имеприја во кој одекнувале модерните европски идеи. Израснав покрај татко ми, кој самиот напиша неколку прозни дела, но барем за мене – останува ненадминат како читател. Тој знаеше да се лиши од сè, но не и од добра книга, дури и во оние години кога – по распаѓањето на Југославија и економскиот колапс – неговата плата налагаше поинакви приоритети. Порај него запознавав други автори, ликовни уметници, музичари од Македонија и од странство... Една од трајните нишки што ме врзува со Битола е, секако, театарот, каде татко ми извесно време беше директор. Сево ова, целата оваа урбана топографија на идеи, чувства и младешки доживувања никако не може да ме напушти, дури и кога би сакал.

n.: Неколку години си проживеал во САД, таму си завршил средно образование. Како тој престој влијае врз твоето видување на светот, врз темите за кои пишуваш?

Д.: Амбивалентно е моето доживување на Америка. На училиште, за време на комунизмот, таа ни беше претставувана како идеолошки непријател и место на декаденција. Кога во 1991 година отидов да живеам во едно мало место на американскиот Југ, наспрема сите холивудски претстави за порокот и гламурот на Америка – видов дека повеќето луѓе во тој крај живеат едноставен живот, дефиниран според општиот дискурс на протестатскиот христијански морал. Од друга страна, противречностите на Америка ги откривав и преку американската литература, која ја читав и студирав. Така, преку личното искуство можев, на пример, подобро да го разберам митскиот свет на Јокнапатауфа на Вилијам Фокнер и да сфатам дека драмата на човештвото може да се согледа и во едно мало место само ако писателот е доволно храбар и талентиран да ја пренесе.

n.: Си дипломирал на факултетот во Скопје, на групата општа и компаративна книжевност со американски студии, потоа си магистрирал на тема од областа на наратологијата. Од 2005 година си докторант на Универзитетот во Нотингем. Автор си на три поетски книги и една прозна книга; објавуваш книжевни трудови и есеи, театарски критики, а си составил и уредил зборник за мултикултурализмот во Македонија. Како се сложуваат сите тие области и жанрови?

Д.: Сè повеќе ми се чини дека формите на изразување на нашето доживување на светот се само алатки со кои секој од нас во различно време ја раскажува својата приказна. Секако, секоја форма или жанр налага извесни правила, и ништо не ќе може да нè оправда ако најнапред не го усовршиме нашето знаење за нив. Но оној што знае да се користи со повеќе алатки, може да избира со која од нив ќе ја раскаже својата приказна. Понекогаш тој избор не е едноставна работа. На пример, еден мој расказ – под чудни околности – го изгубив пред да биде објавен, но потоа истата приказна ја развив како сценарио за краток филм; денес пак не сум сигурен дали конечната форма ќе биде новела или краток роман. А истата приказна сè уште ме прогонува.

n.: Покрај писателското занимање, следиш и научен пат: се занимаваш со современиот театар на балканските земји. Има ли книжевни или теоретски школи со кои посебно се идентификуваш?

Д.: Во мојата научна работа главно се интересирав за примена и преиспитување на концептите развиени во кругот на структурализмот и семиотиката, што е очигледно во мојата студија Наративни стратегии во психолошкиот роман (2004). Денес се поблиска ми е, на пример, отвореноста кон постколонијалната критика. Но, сето тоа произлегува од потребата да ја разбереме литературата и да го објасниме светот што брзо се менува. Ниту еден метод не ќе биде доволен или дефинитивно важечки да ја изрече еднаш засекогаш тајната на времето, односно промената и – конечно – нашиот живот.

n.: Твоите раскази во збирката Големиот куфер обилуваат со надреалистички и мечтателски моменти. Така, кон крајот на расказот Уметник на револуцијата откриваме дека наратор не е љубовницата или сопругата на протагонистот која минала долг животот со него, туку четката за сликање што живеела буквално во џебот на неговата кошула; во расказот Сарма понижуваниот наратор му се јавува во сон на својот поранешен мачител и му се одмаздува со тоа што го задушува со сарма, која била средство на посебно понижување во тешките години на робија. Лудоста и смртта одигруваат улога: во два расказа протагонистот зборува од гробот, односно од задгробниот свет. Дали се тоа димензии на твојот свет? Или, пак, ги употребуваш како средство за соопштувањето на потресниот интензитет на транзицијата?

Д.: Првичната намера беше збирката да се вика Сите мои мртовци. Тоа е стих од една моја песна, што го објавив како мото на книгата. Во расказите од Големиот куфер има фантастични елементи, а смртта е духовен именител на сите ликови. Но, тоа не е последица на писателски егзибиционизам. Просто, морав на светот што доживува радикална социјална промена да му дадам можност да се искаже во „обратна перспектива“. Во време на транзицијата по студената војна, како и во времето на сите претходни радикални историски промени, еруптираа најниските човечки страсти и се соголија сите човечки слабости. Можеме да го осудиме тој човечки пад. Сепак, не треба да го превидиме механизмот што ги тера луѓето да прифаќаат некоја идеологија и да ја изневеруваат. Конечно, претставувањето на несреќата на „транзициските луѓе“ кои добиваат глас во моите расказите е само обид да се разбере човечката природа, вечно распната меѓу потрагата по среќа, од една, и смртта, од друга страна.

n.: Да, при читањето се чувствуваат трагањето и напнатоста. Иако главните ликови се несреќни, јазикот дише со овој стремеж на ликовите; постои игра на зборови, расказите се богати со асонанција и алитерација. На некои места со тоа намерно се претерува, на пример во насловниот расказ на збирката, со цел да се прикаже еден бомбастичен лик. Ама заиграноста во јазикот, ми се чини, ги обележува сите твои раскази. Што значи за тебе таа заиграност?

Д.: Веќе реков дека секој од нас има потреба да ја раскаже својата приказна. Таа, пак, се открива во јазикот, таа не му претходи ами му сопостои. Затоа ние странствуваме во јазикот, обидувајќи се да го искажеме неискажливото. И сè што откриваме во тој јазичен егзил се само парчиња од вистината, кои ни приредуваат задоволство толку колку да го претвкусиме крајниот чин на спознанието, кој му припаѓа на Бога. И пред и по Џојс, јасно е дека епифанијата, како и добрата литература, не е можна без истражување во јазикот, без поместување на границите на ефектот задоволство кај читателот. Тоа е, се разбира, макотрпна работа, и никогаш докрај завршена.

n.: Кои аспекти на животот во постсоцијалистичка Македонија – сеедно дали се тоа охрабрувачки или отежнувачки моменти – најмногу те допираат како автор?

Д.: Некои писатели го правдаат отсуството на инспирација со тоа дека не доживеале војна. Некои, пак, што доживеале војна, тврдат дека им треба историска дистанца, па затоа пишуваат за далечни времиња или простори. Сакам да верувам дека не им припаѓам ниту на едните ниту на другите. Ја имам таа среќа или несреќа да живеам во драматично време во кое се промена системот, се превреднуваат идеалите, а кризата на идентитетот се манифестира во противречни облици на глобално унифицирање, од една страна, и сè повеќе социјални, етнички и други конфликти, од друга. Македонија не е уникатен пример за тоа. Сепак, спецификите на нејзината историја и сегашност се едновремено и поттик и товар за македонските писатели. Не сум еден од оние што сакаат да побегнат од оваа стварност, или пак да ја толкуваат преку егзотични параболи. Нашево време има потреба од свој глас, и јас се трудам да го најдам тој глас.

n.: Литературната сцена во Македонија веќе 15 години постојано се менува. Покрај етаблираните институции како Друштвото на писателите, македонскиот ПЕН центар и традиционалните настани како Струшките вечери на поезијата, се појавуваат и нови форми што се во голем дел импровизации во услови на сеопшта имплозија на средствата за култура. Има неколку литературни интернет-списанија што се активни и во поглед на издавањето и преведувањето на книги, меѓу кои посебно се истакнуваат Блесок и понеконвенционална Маргина. Автори од помладата генерација како што се, на пример, Гоце Смилевски и Лидија Димковска, експериментираат со нови стилски формулации, но доста автори некритички голтнуваат моди и модели од странство. Како ги оценуваш актуелната материјална состојба и условите за работа на писателите во Македонија денес? Има ли фактори што ги тераат авторите да одат во странство?

Д.: Сосема е јасно дека да се биде писател денес не е исто како во времето на комунизмот. Моите претходници имале статус на важни личности, нивните дела или јавни настапи одекнувале во општеството; дисиденти или апологичари на режимот, сеедно, тие имале моќ да креираат јавно мислење, и со тоа да создаваат крупни историски наративи. Затоа, на пример, дисидентите беа афирмирани на Запад и репресирани дома. Денес македонските писатели се маргинализирани дома, но веќе ја немаат аурата на идеолошки маченици за да бидат прифатени на Запад. Никој од нив не може да живее од своето пишување, а нивното влијание е, главно, среде издвоени целни групи. Покрај тоа, самата поделба на Западна и Источна Европа бледнее. Интегрирањето на Балканот (тоа „непотполно себство“ /incomplete self/ како што го нарече Марија Тодорова) во ЕУ ги брише последните елементи на западната егзотична перцепција за овој дел од Европа. Така, писателите што пишуваат на македонски јазик остануваат релативно непривлечни и непознати за другите култури. Во последните петнаесетина година, некаков успех надвор од Македонија имаа сосем мал број автори, а уште помал е бројот на оние што живеат и пишуваат надвор од Македонија. Всушност, за успех се смета и самото преведување на нивно дело, дури и без да доживее поширока рецепција! Симптоматично, пак, е и тоа дека нивното творештво, со мали исклучоци, не ја тематизира македонската стварност, ами следи трендови во обид да го погоди рецентниот хоризонт на очекување надвор.

n.: Кои се твоите планови за во иднина?

Д.: Во овој период, главно, посветен сум на научната работа. Моето докторско истражување на Универзитетот во Нотингем се однесува на прашањето за репрезентацијата на идентитетите во современата балканска драма. Кои сме ние? Како се гледаме себеси визави Западот и Истокот? Која е нашата приказна? Тоа се прашања што и лично и професионално ме фасцинираат, како што може да се претпостави и од она што веќе го реков. Ова интелектуално љубопитство, како и искуството во Англија, ми налагаат и нови книжевни опсесии. Крадам време, колку што можам, да го исполнам тој налог за пишување.

Интервјуто го водеше Вил Фирт.

 

Top
© by novinki